ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

УЧЕСТВО НА ПРЕТСТАВНИК НА НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ НА 11-ТИОТ СОСТАНОК НА АСОЦИЈАЦИЈАТА НА ОМБУДСМАНИ НА МЕДИТЕРАНОТ

04-05.10.2021, НАФПЛИО, ГРЦИЈА

Претставникот на Народниот правобранител на Република Северна Македонија, државен советник Славица Димитриевска, учествуваше на 11-тиот состанок на Асоцијацијата на Омбудсмани на Медитеранот што оваа година, после една година одложување заради пандемијата со Ковид-19, се одржа на 4 и 5 октомври во Нафплио, Република Грција.

Состанокот беше во организација на Канцеларијата на Омбудсманот на Грција како претседавач на Асоцијацијата.

Во текот на првиот ден од дводневната средба се презентираа видувања на теми поврзани со миграцијата, климатските промени и природните катастрофи и нивното влијание врз човековите права.

Вториот ден се одржа Генералното собрание на Асоцијацијата каде покрај редовното презентирање на постигнатите резултати од изминатиот период, реализирани активности и состојба на буџет, се дискутираше и за следните чекори на Асоцијацијата, начин на организација на телата, односно Извршниот и Управниот одбор, како и подобрување на меѓусебната комуникација меѓу членките, но и подигање на видливоста на Асоцијацијата.

Се усвоија заклучоци кои видно треба да ја подобрат организацијата на Асоцијацијата преку ангажирање на надворешен, „про боно“ експерт кој треба да придонесе кон изнаоѓање финансиски ресурси за реализиција на дополнителни проекти и активности, а се поддржа и електронски начин на гласање на членови во управните тела на Асоцијацијата.

Во рамки на Генералното собрание се примија две нови членки, омбудсман институциите на Украина и Руската Федерација, а се поднесоа и предлози од три земји, Андора, Косово и Египет за организација на следното Собрание во 2023 година.

Генералното собрание едногласно ја усвои Декларацијата од Нафплио за промоција на регионалната соработка, ефективно следење на секое прекршување на човековите права, пристап до добра и услуги без дискриминација, одржлив развој и користење на енергетските ресурси, заштита и унапредување на здрава животна средина, заедничко и ефикасно дејствување во случај на природни катастрофи.