ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

СО ПОТПИШУВАЊЕ НА МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА СО НЕВЛАДИНИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ ОДБЕЛЕЖАН МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

03.12.2021, СКОПЈЕ

„Донесувањето на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост во 2006, а особено нејзината ратификација од страна на нашата држава Република Северна Македонија во 2011 година, претставува значаен чекор за препознавање на правата и потребите на лицата со попреченост, а особено за признавањето на обврските на државата за гарантирање на непреченото уживање на овие права. Секоја индивидуа е посебна на свој начин и заслужува еднакви можности за остварување на своите права, и токму во таа насока, Институцијата Народен правобранител години наназад посветено дејствува на полето на заштита на човековите права и слободи на лицата со попреченост, укажувајќи на потребата од конкретни заложби за ефективно остварување на овие права, како и целосно, рамноправно вклучување во креирањето и донесувањето одлуки во општеството, кои ќе значат укинување на бариерите и овозможување на нивен активен придонес и развој во инклузивно општество.“

Ова, меѓу другото, го истакна народниот правобранител, г.Насер Зибери во поздравниот говор на отворањето на настанот кој по повод 3. Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, го организираше Канцеларијата на Народниот правобранител, а на кој беше потпишан и Меморандум за соработка со 23 невладини организации кои работат на полето на остварување на правата на овие лица.

На настанот, на тема „10 години од ратификација на Конвенцијата за права на лица со попреченост и предизвиците, научените лекции и за потребата од преземање на идни чекори за ефикасна имплементација“, зборуваше државната советничка, г-ѓа Васка Бајрамовска- Мустафа.

Според нејзе, и по 10 години имаме недоволно е обезбедена инклузивна еднаквост на лицата со попреченост, децата и лицата со попреченост се соочуваат со проблеми и потешкотии во остварувањето на своите права, а потребно е создавање услови за имплементација на истите, како и воспоставување на систем и пракса за вклучување и користење на Конвенцијата во работата на органите.

„За сеопфатен развој на потенцијалите кај децата со попреченост особено е важно истите да бидат вклучени од најмала возраст во предучилишните установи со цел нивна подготовка за во училиште и со цел искористување на периодот на рано детство, усогласување на Законот за средно образование и Законот за високо образование со КПЛП, односно инклузија на учениците и студентите со попреченост на сите нивоа на образование, како и подигнување на јавната свест за вработување на лица со попреченост во јавниот и приватниот сектор, како и воведување квотен систем, професионална рехабилитација, поддржано вработување и поддржано работење, обезбедување можности за вработување на отворен пазар на труд“, рече, државната советничка, г-ѓа Васка Бајрамовска-Мустафа.