ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

КОНФЕРЕНЦИЈА НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ПО ПОВОД 10.ДЕКЕМВРИ - МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА

10.12.2021, СКОПЈЕ

По повод 10. декември, Меѓународниот ден на човековите права, Канцеларијата на Народниот правобранител преку платформата Зум организираше конференција со наслов „10. ДЕКЕМВРИ, МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА - ДЕНОТ НА СИТЕ ГРАЃАНИ“, на која за значењето на човековите права и потребата од нивно почитување со свои излагања се обратија, народниот правобранител, г. Насер Зибери, вршителот на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Н.Е. Ерик Мејер, судијата на Врховниот суд, г-ѓа Мирјана Лазарова - Трајковска, професорите, д-р Светомир Шкариќ, д-р Ана Павловска-Данева, д-р Беса Арифи, д-р Јасмина Димириевска и д-р Јусиф Зејнели. Во во рамките на Конференцијата, исто така, се вклучија и главниот и одговорен уредник на неделникот „Фокус“, г-ѓа Гордана Дувњак, студенти од повеќе Универзитети во државата и претставник на дебатниот клуб на Младинскиот образовен форум.

Народниот правобранител, г.Несер Зибери, на Конференцијата ги изнесе констатациите и заклучоците од Извештајот од спроведената анализа на Институцијата за постапувањето на органите по барањата и други интервенции на Народниот правобранител по претставките за заштита на човековите слободи и права, кој го опфаќа периодот на примени претставки јануари-август 2021 година.

„Заради согледување на односот на органите кон интервенциите на Народниот правобранител, односно упатените Барања, Укажувања, Препораки, Мислења, Сугестии и сл., а во врска со постапувањето по претставки од граѓаните ( предметно работење), Народниот правобранител спроведе Анализа на постапувањето по предметите примени во првите осум (8) месеци од тековната 2021 година. При тоа, со Анализата е опфатено постапувањето по предметите примени во канцеларијата во Скопје и Подрачните канцеларии на Народниот правобранител во Битола, Куманово, Кичево, Струмица, Тетово, и Штип, односно бројот на претставки, рокот во кој е одговорено од страна на органите, (дали одговорите се доставуваат во законски утврдениот рок, после рокот или пак, воопшто не одговараат), и следствено какви дејствија се преземени (Ургенции, Повторни ургенции, Информации до повисок орган и сл.). Покрај вкупниот број на примени претставки во НП во периодот од 01.01.-31.08.2021 г., Анализата ги опфаќа и следните елементи:

-рокот во кој е одговорено од страна на органите (дали одговорите се доставуваат во законски утврдениот рок, после рокот или пак, воопшто не одговараат), и следствено какви дејствија се преземени (Ургенции, Повторни ургенции, Информации до повисок орган и сл.).

-квалитетот на добиените одговори од органите, конкретно дали одговорите се суштински, целосни и образложени, и врз основа на тоа дали овозможуваат ефикасна заштита на правата на граѓаните и непречено постапување на Народниот правобранител, или пак, се формални и нецелосни, и со тоа упатуваат на неефикасна постапка за заштита на правата на граѓаните, односно одолжување на истата.

Покрај ова, во Извештајот се претставени и дејствијата кои Народниот правобранител ги презема во случаи на констатирани повреди на правата на граѓаните, а соодветно на тоа и соработката на органите со институцијата Народен правобранител“. Ова, меѓу другото, го истакна народниот правобранител, г. Насер Зибери во своето излагање.

Тој посочи дека, во периодот јануари-август 2021 година, од вкупниот број примени претставки (1760), Народниот правобранител отвори постапка и презеде дејствија по 1097 претставки (62,32%), при што преземени се 1417 дејствија кон органи на државната власт, единици на локална самоуправа, органи и организации со јавни овластувања. По преземени дејствија, 436 органи доставиле одговор во законски утврдениот рок (30,77%), 865 органи одговориле после рокот или по дополнителни дејствија преземени од Народниот правобранител (61,04%), а по 116 дејствија не е одговорено (8,19%). Во однос на добиените одговори, 1062 се целосни, и ги содржат бараните информации, објаснувања и докази (74,95%), а 239 се формални (16,87%).

„Државна комисија за одлучувања во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, Фонд за здравствено осигурување и Подрачните служби, Фонд за ПИОМ, Јавните здравствени установи, Државен санитарен и здравствен инспекторат, ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Скопје и другите центри низ Републиката, ЈУ Завод за социјални дејности, МОН Државен просветен инспекторат, најголем број од основните и средни училишта, Државен пазарен инспекторат, Агенција за вработување, Национални установи, Извршители, нотари, Адвокатска комора, основните судови, Комисија за прекршоци, Комисија за денационализација, ОЈО Велес, ОЈО Битола, ОЈО Куманово, ОЈО Прилеп, ОЈО Кавадарци, ЈП МРТВ, ЕВН, БЕГ, Регулаторна комисија – доставуваат навремени одговори или пак, со пречекорување на дадениот рок, но одговорите се целосни, суштински и овозможуваат ефикасна постапка за заштита на правата на граѓаните. За разлика од нив, Министерствата за здравство, за транспорт и врски, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за труд и социјална политика, за образование и наука, МВР - Оддел за внатрешна контрола и криминалистички истраги, Управен суд, Врховен суд, Основен граѓански суд Скопје, Јавното обвинителство, Генерален секретаријат на Влада, Управа за јавни приходи-Скопје, Министерство за правда - Управата за водење на матични книги, Државен завод за статистика, Град Скопје, на интервенциите на Народниот правобранител ретко доставуваат соодветни одговори, односно најчесто доставуваат формални одговори кои не овозможуваат ефикасна заштита на правата на граѓаните“, истакна г. Зибери.

Судијата на Врховниот суд и поранешен судија на Европскиот суд за човекови права, г-ѓа Мирјана Лазарова Трајковска во своето излагање истакна дека кон овој суд од неговото основање до сега се обратитле 80 милиони граѓани, како и тоа дека народните правобранители преку предметите кои ги воделе, а за кои граѓаните се обраќаат кон судот, даваат голем придонес при донесувањето на пресудите на овој суд.

Професорот д-р Светомир Шкариќ, зборувајќи на темата „Уставот и Народниот правобранител“, рече дека е голема придобивка што оваа Институција е уставна категорија, но дека во своето работење треба да се води и од природните права, пред сѐ достоинството и дека тоа мора секогаш да биде на прво место и во постапувањето на Народниот правобранител, но и на администрацијата.

Според професорката д-р Ана Павловска Данева, Народниот правобранител треба да ја користи повеќе јавноста во својата работа, додека проф. д-р Беса Арифи истакна дека е недозволиво Јавното обвинителство и полицијата да ја игнорираат Институцијата Народен правобранител, од причина што токму тие се органи кои ги гарантираат правата на граѓаните.

Во делот на дебатата, студентите се интересираа за тоа што работи Народниот правобраните на полето на дискриминацијата, на поголемо запознавање на учениците - средношколците со надлежностите и начинот на работата на Институцијата.Тие истакнаа дека Народниот правобранител треба да има поактивна улога во системот на образование, пред сѐ во средните училишта, со цел да им се доближи на оваа популација.

Дел од сугестиите од Конференцијата ќе бидат содржани во Годишната програма за работа на Народнот правобранител за наредната година, а ќе бидат донесени и заклучоци кои дополнително ќе бидат објавени.