ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

ДЕБАТА ВО ПРЕСРЕТ НА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ДЕТЕТО

17-18.11.2021, СКОПЈЕ

Во пресрет на Светскиот ден на детето 20. ноември, Народниот правобрантиел-Одделението за следење на состојбите и заштита на правата на децата, како и на лицата со попреченост, на 17. и 18. ноември организираше онлајн дебата со ученици/ученички омбудсмани, претседатели на ученички параламенти и нивни членови од повеќе основни и средни училишта во државата.

На дебатата се дискутираше на неколку теми, на кои Народниот правобранител во рамките на својот мандат и надлежности во изминатиот период се фокусираше, ценејќи ги како значајни предизвици со кои се соочуваат децата, младите, учениците и непосредно ги засегаат заради што изискуваат посериозен пристап од надлежните и неодложно дејствување.Така, дел од темите на дводневната дебата беа: „Влијанието на пандемијата врз менталното здравје на децата“, „Вклученоста на децата во донесувањето на одлуките кои се однесуваат на нивните права“, „Колку и како се почитуваат различностите во училиштето, како од страна на децата, така и од страна на наставниците“.

Децата, учесниците на оваа дебата имаа можност да ги кажат своите и да ги пренесат ставовите на своите другари/соученици, во поглед на овие прашања.Тие, меѓу другото, истакнаа дека заслужуваат да бидат перципирани, но и вклучени како битен фактор во поглед на донесувањето на одлуките кои се однесуваат на нив. Меѓу другото, можеше да се слушне и став на децата дека и тие треба да бидат вклучени во донесување на одлуките каков вид на настава ќе се организира за време на пандемијата, како субјекти кои директно се вклучени во процесот.

Заеднички заклучок од дебатата е дека децата имаат потреба да учествуваат во донесувањето на одлуките, да се слушне нивниот став, нивното мислење, перципирање, како во училиштето, така и во семејството, и дека овој вид на дебата претставува одлична можност во иднина и тие да бидат вклучени при креирањето на политиките во секој процес кој се однесува на нив и нивните права.

Во чест на покажаниот интерес за соработка и учество на овој настан, институцијата Народен правобранител на секој од учесниците на дебата, ќе им додели пригодна благодарница, како поттик за уште подлабока меѓуврсничка соработка и понатамошно залагање за вклученост на младата популација во сите сфери на дејствување во општеството, сѐ со цел креирање на перспективна иднина за младата генерација.